
Откако пред три месеци беше пуштена во употреба првата делница од обиколницата од Штип до Бучим, денеска увид во градежните активности на втората делница од клучка Три чешми до Радовиш извршија Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејул Рустеми. Во оваа прилика Бочварски истакна дека до сега реализацијата на терен е околу 65% , а интензитетот на работа се одвива со силна динамика.
„Ако пред само три месеци со директорот на ЈПДП, Рустеми бевме присутни овде кога ја пуштивме во употреба првата фаза од овој експресен пат Штип – Радовиш, нашето денешно присуство говори за силната градежна активност на довршување на овој капитален проект од огромно значење за целиот регион. Денеска извршивме увид во градежните активности на изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш и тоа од клучката Три чешми преку обиколницата Штип до Штип Југ и клучката од Бучим до Радовиш. Должината на двете делници е 17 километри, а вкупната инвестиција е 15 милиони евра“ – рече Бочварски.
Со завршување на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш во должина од 40,46 километри, граѓаните од југоисточниот регион ќе добијат безбеден експресен пат, истакна Директорот на ЈПДП, додавајќи дека ова ќе претсатвува основна патна врска меѓу Источна и Западна Македонија.
Во денешната прилика Бочварски упати благодарност да граѓаните за трпението до сега, истакнувајќи дека за 30 дена ќе биде пуштена во употреба и обиколницата, па возилата нема да транзитираат низ Штип, а со тоа ќе бидат затворени сега отворените прашања и проблеми. До април 2022 година треба да биде готова и втората делница од експресниот пат Штип Кочани, односно од Крупиште до Кочани.
Лаура Стојанова М-Нет