За еден месец затворени три странски конфекции во Штип, ситуацијата алармантна

Алармантна ситуацијата во текстилната индустрија во Штип, за еден месец затворени дури три странски конфекции, а работниците оставени без работа и без плата. Дека останаа без работа вчера реагираа дел од вработени од холандска фирма, а денеска се најави дека клуч на врата ќе стави и турска компанија. Од „Гласен текстилец“ Штип апелираат работниците да не потпишуваат спогодбени решенија.

„Знаев од минатата недела дека ќе останат без работа оние на определено време, но за оние на неопределено работно време не насетивме. Бидејќи ги следува опремнина и испратнини, упативме апел да внимаваат што потпишуваат бидејќи треба да добијат решение за отказ од деловни причини и решение за соодветно исплаќање според стажот во фирмата и според законските обврски.“ – вели Ампева.

Дел од вработените заминуваат на работа во друга компанија, но ситуацијата за сите е тешка. Ако пред одреден временски период работодавачите носеа работници од Бангладеш за работа во конфекција, сега ги затвораат објектите и спас бараат во отворање угостителски објекти. Ампева вели модата оди на последно место и затоа текстилната индустрија се движи во надолна линија. Затоа според неа е потребна поголема ажурност од страна на Владата.

„Практично индустријата која придонесува со над 10% во индустриското производство добила само 1,74% од унгарскиот кредит. Само 15 текстилни компании во Штип добиле, а во градот има околу 50 до 60 конфекции. Оваа индустрија не заслужила за ваков инрогантски однос од страна на Влада.“ – додава Ампева.

Работници од холандската фирма вчера наместо на работа останале и без работа и без последната плата. Идентична е ситуацијата и со конфекција која не ги врати работниците од одмор на работа туку им подели отказни решенија.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет