
Изјава тонови (05.08.2026) Гоце Серафимов
Повисока за еден денар ќе биде откупната цена на винското грозје годинава, но приносите се очекува да бидат помали поради пролетните мразеви и невремето што ги погоди лозовите насади. И покрај тоа што квалитетот на грозјето е добар, од асоцијацијата на земјоделци за М-Нет телевизија велат дека годинава нема да имаат род како лани. Според последните најави на новото раководство на министерството за земјоделие, сортата „Вранец“ треба да се откупува по 21 денар за килограм, а „Смедеревка“ по 20 денари, но официјално се уште не се потврдени цените. Колкави се штетите од временските непогоди и колку ќе биде намален родот ќе се знае по бербата, додаваат од асоцијацијата
,,Па бербата треба да зпаочне, а оваа година најверојатно ќе биде со намален принос, затоа што имаше измрзнување на некои површини зимото, меѓутоа квалитетот е добар. Цената ќе биде према ланската, со еден денар покачена. Да рече лани вранецот беше 20, сега треба да биде 21 и 30, смедеревката лани беше 19, сега е 20. Ова се изјавите на министерот на еден од состаноците, меѓутоа се уште не е потврдено од винариите. Па се уште неможеме да знаеме колкава ќе биде разликата од ланската во однос на приносите, затоа што во март месец имаше измрзнување. Има да и од невремето има погодено во некои регини, така да не знаеме се уште каков ќе биде овогодинешниот род.“, вели Серафимов
Лозарите велат дека најавената цена е далеку од доволна за трудот и трошоците што ги имаат во текот на целата година. Особено тешка е оваа сезона, бидејќи покрај ниската откупна цена, ќе имаат и помалку грозје за продажба поради намалениот род.
Што ќе донесе годинашната берба, ќе се знае во септември, кога ќе се собере грозјето и ќе се направи конечната сметка.
Иван Митев, М-Нет