
Ракометниот шампион Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната каде битолскиот тим ќе атакува кон освојување на двојната титула.
Првата фаза ќе се одработи во Битола, потоа тимот ќе замина во Стара Пазова, Србија, а ракометарите кои ќе имаат обврски на Светското првенство ќе се приклучат подоцна на подготовките, а ќе бидат приклучени и четири ракометари од Еурофарм Пелистер 2.
„Започнуваме со повторно наше собирање со некои припреми каде што морам да кажам дека не сме во комплетен состав, нели општо познато е дека имаме доста репрезентативци коишто настапуваат за своите селекции на претстојното Светско првенство. Ние ќе се подготвуваме за почеток овде во нашиот дом во Битола, ќе се одвиваат подготовките тука ќе има навистина еден забрзан ритам ќе биде квалитетен процес на тренирање, ќе работиме на сите аспекти од ракометната игра, како и физичката подготовка. Можам да издвојам дека ќе се приклучат и четворица ракометари од втората екипа на Пелистер коишто ќе бидат во текот на припремите дел од нас се со цел да му овозможиме навистина квалитетен тренажен процес на сите“, вели Лембанов.
Битолчани пролетниот дел го започнуваат против Куманово на домашен терен, а потоа продолжуваат со турбо темпо.
„Прво почнуваме натпревар против Куманово на домашен терен во Суперлигата, кој што ќе биде добра увертира за нас и потоа не очекува навистина едно пеколно темпо, повторно оној ритам среда – сабота, каде што ќе имаме многу натпревари и доста голем број на патувања и мислам дека овој месец навистина ќе ни дојде добро за да се подготвиме за сето тоа“, додава Лембанов.
Трката за титулата во Суперлигата покрај Еурофарм Пелистер ќе ја водат и Алкалоид и Вардар.
Александар Ванев, М-Нет