Демократската унија за интеграција остро реагира на договорот што го презентираше заменик-министерот за образование, Дритон Сулејмани, за албанските ученици од ООУ „Петар Здравковски – Пенко“ во Бутел.
„Според јавно објавените информации, постигнат е договор меѓу Министерството за образование и Општина Бутел, според кој учениците од Чаир кои живеат во близина на училиштето ќе бидат примени во прво одделение, но само доколку имаат брат или сестра кои веќе посетуваат настава во ова училиште. Во исто време, се наведува дека ова нема да значи отворање нова паралелка на албански јазик. Ова не е решение. Ова е начин да се ограничи и услови правото на албанските деца на образование на мајчин јазик“, велат од ДУИ.
Од партијата велат дека правото на образование на албански јазик не може да зависи од семејната историја на ученикот и прашуваат какво ново правило се измислува само за да се намали бројот на албански ученици?
„Доколку постои доволен интерес од страна на албанските ученици за формирање паралелка на албански јазик, институциите имаат обврска да создадат услови за нејзино отворање, а не да поставуваат филтри и дополнителни критериуми кои не се применуваат еднакво за сите“, велат од партијата.
ДУИ бара од Министерството за образование и Општина Бутел да го објават точниот број на албански деца кои побарале упис; да ги објават критериумите врз основа на кои е направен изборот; да го гарантираат уписот на сите ученици кои ги исполнуваат законските услови; да овозможат отворање паралелка на албански јазик доколку бројот на учениците го оправдува тоа и, како што велат, да ја прекинат секоја практика која, директно или индиректно, го ограничува правото на албанските деца на образование на албански јазик.
„ДУИ нема да дозволи албанските деца во Бутел да бидат третирани како ученици од втор ред. Ако има 25 или повеќе албански деца кои сакаат да учат на албански јазик, треба да се отвори паралелка на албански јазик. Точка. Институциите треба да го решат проблемот, а не со договори да го менаџираат дискриминирањето“, велат од ДУИ.
Текстот ДУИ: ВЛЕН со дискриминаторско, незаконско и условено решение за албанските ученици во Бутел е превземен од МАКФАКС.