
Драгица Китанова од Штип тврди дека доцни надоместокот за нега и корисниците ги немаат добиено парите што им следуваат. Таа вели парите им се неопходни за лекови и за основните потреби. Вели дека луѓето живеат од ден за ден и дека овие пари им значат многу. Според неа, не е во ред исплатата да доцни толку долго.
,,Два месеца веќе на луѓето на никој негата не е исплатена. Лекарства немаат да си купат. Луѓето немаат пари да преживеат, ден за ден. Не знам, ама тоа не се малку пари. Значи што ги следува парите не им се пуштени два месеца, тоа е срамота.”, вели Китанова
Китанова додава дека исплатата на надоместокот вообичаено се врши од први до петти во месецот, но веќе повеќе од тоа време корисниците ги чекаат средствата.
,,Знае се од први до петти треба негата да е исплатена, а сега два месеца нега не е исплатена, вероватно и за останатите што зимаат некаква помош ништо не е исплатено.”, додава Китанова
Во врска со поплаките на Китанова, нашата редакција се обрати до Министерството за социјална политика, демографија и млади, од каде информираат дека при проверки во системот за социјална заштита биле откриени неправилности, поради што во наредните денови ќе се изврши дополнителна исплата на социјалните права.
“Поради проверки во системот за социјална заштита во кој се детектирани неправилности, а со цел истите да бидат отстранети, ќе се изврши дополнителна исплата на права од социјална заштита, во текот на наредните денови.”, соопштуваат од Министерство за социјална политика, демографија и млади
Она што останува е да се почека исплатата, која од Министерството ја најавуваат во наредните денови.
Иван Митев, М-Нет