
Јубилејни признанија на крводарители од Штип денеска се доделија во просториите на Општинската организација на Црвен крст Штип по повод 17 март, денот на крвдарителството. Се доделија признанија, благодарници и плакети по повод јубилеј од 50, 75 година крводарување, постхумно, како и на благодарници на институции.
„Ние им даваме едно признание, една благодарница и една плакета во знак на огромна благодарност затоа што тие се секогаш спремни на највисокиот чин на хуманоста, а тоа е крводарувањето, кое е апсолутно животоспасувачки чин. За 2022 година може да кажеме дека општинската организација не само што го реализираше планот туку и го натфрли за 74%“ – вели Милановска.
Соработката меѓу Црвениот крст Штип и Трансфузиона медицина се зацврствува, а за тоа сведочи и статистиката односно бројката со која се покажува дека во Штип има голем број хумани граѓани. Доктор, Мери Шорова потенцираше дека се прават напори и младите да се вклучат во процесот на дарување на крв.
„Заедно со Црвен крст Штип имаме одлична соработка и поради тоа и бројките во однос на крводарителството и статистиката за нашиот град се навистина задоволителни. Би сакала оваа хумана мисија да продолжи и понатаму и навистина работиме на тоа да ја подигнеме јавната свест кај населенето за тоа што значи крводарувањето, што значи да се дарува крв и да се зголеми одговорноста кај луѓето во однос на грижата за другите луѓе.“ – додава Шорова.

Зоран Мијалков е крводарител повќе од пет децении. Вели преставува гордост и задоволство што може да се дарува и да се спаси човечки живот.
„Значи да дадеш од себе за да спасиш човечки живот, тоа значи пред сѐ за душата на самиот човек. Јас имам над 100 пати дарувано крв, важно е да ги поттикнеме и младите генерации да продолжат да даруваат крв бидејќи може живот да значи тоа“ – вели Мијалков.
Акциите за дарување на крв продолжуваат и во текот на оваа година, а од Црвен крст Штип потенцираа дека очекуваат бројката повторно да биде надмината и да се соберат што е можно повеќе крвни единици.
Лаура Стојанова М-Нет