Доделени Лауреатот и Гран при наградите на Меѓународниот натпревар „Сергеј Михајлов“

Заврши Меѓународниот фестивал со натпреварувачки карактер „Сергеј Михајлов“ во Штип. На завршниот концерт на сите најдобро рангирани учесници во штипскиот Безистен беа доделени Лауреатот и Гран при наградите. Лауреатот на Фестивалот го доби Матеа Димова со освоени четири специјални награди по солфеж, теорија на музика, пијано облигат и виолина. Гран при наградата во категоријата класични инструменти ја доби Мартина Китанова, во категоријата традициски инструменти им припадна на Ангел Димитров и Кире Аџиев. Тамара Груевска ја заслужи Гран при наградата во категоријата поп и џез, а во категоријата сет тапани најдобар беше Матеј Темелков.

„Учество на повеќе од 550 учесника изминатите пет дена во повеќе категории. Малку напорно, меѓутоа ние сме презадоволни што натпреварот од година во година зема сè поголем замав, сè повеќе учесници од нашата држава, но и од соседните држави, па и пошироко се дел од овој Фестивал. Учесниците, и сами можеме да забележиме од социјалните мрежи, се презадоволни од организацијата. Се одржуваше на пет локации, во Безистенот, на УГД, Домот на култура, Домот на млади и во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, каде што беа поголем дел од натпреварувачите“, вели директорот Кавраков.

Организаторите, ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и Здружението „Уметност за сите“ се задоволни од реализираниот натпревар и за следната година најавија збогатување на програмата и новини.

„Задоволни и гостите, и ние. Догодина одиме со новини, кои ќе ги вметнеме, секако, се надградуваме од година во година, така што ќе бидете известени навреме“, додава Кавраков.

Фестивалот со натпреварувачки карактер, кој започна на 11 мај, се одржа четврта година по ред. На натпреварот беа застапени дисциплините класична музика, традициски инструменти и состави, поп и џез музика, како и теориските предмети, а имаше учесници од над десет земји. И годинава пристапот беше комбинирано одржување, и „онлајн“ и со физичко присуство, а за најдобрите одлучуваше Комисија составена од реномирани професори од земјава и странство, меѓу кои најмал број се од Музичкото училиште.

Ребека Спасова М-Нет