
До крајот на септември ќе трае уписот и на останатите првачиња кои се уште не се запишани, иако уписот требало да се спроведе во мај и јуни, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Годинава има 1300 првачиња помалку во споредба со лани, а според Јаневска, околу 800 од разликата се должат на помалиот број родени деца во 2020 година, односно генерацијата која годинава тргнува во прво одделение. За преостанатите 500, според нејзе, намалувањето во помал дел може да се должи на иселување на граѓаните од државата или на други несакани случувања
,,Оваа година за разлика од минатата, имаме помалку, точно 1300 првачиња. Таа година 2020 оти тоа е година со шест години кога тргнуваат на училиште, се малиле 800 помалку раѓања, што значи разликата е 500 првачиња. Мене ми е жал што не се почитува доследно правилникот за упис на ученици во прво одделние, што значи во мај и јуни требаше тие да бидат запишани и внесени во електронскиот дневник, тоа не е така и јас изјавувам дека до последниот ден од септемри ние ќе вршиме упис на ученици, можно е оваа бројка уште малку да се поднамали. Значи освен на наталитетот во помал дел се должи и на иселување на граѓаните од државата или евентуално на некои други несакани случувања.“, рече Јаневска
Конечниот број на запишани првачиња ќе биде познат по завршувањето на уписот на крајот од септември, по што ќе се знае колкав дел од разликата во однос на лани се должи на помалиот број родени деца, а колкав на иселувањето и други причини.
Ева Тушевска, М-Нет