Дневна евтина тарифа на струја од 1 декември само кај дигиталните броила, другите ќе се прилагодуваат

Дневна евтина тарифа на струја од 1 декември ќе имаат околу 200.000 домаќинства со дигитални броила. Останатите ќе мора да овозможат екипите на ЕВН да имаат пристап за да ги прилагодат броилата во текот на месец декември. Тоа ќе се случува постепено во текот на месецот со читањето на струјомерите, кое се прави еднаш месечно. Од Електродистрибуција велат дека броилото не може да се прилагоди ако куќата е затворена и нема никој дома, а броилото е внатре или, пак, во викенд куќи.

„При крај сме со подготовките, како што ветивме, до 1 декември сѐ ќе биде подготвено. Дел од броилата се „смарт“, тие ќе ги смениме дури преку ноќ и веќе од 1 декември околу 200.000 корисници ќе имаат сетирани тарифи, а другите би биле во текот на месецот. Многу ќе зависи од потрошувачите, така што замолувам броилата да бидат достапни, да можат нашите екипи да ги прочитаат, бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата. Сите оние што ќе бидат достапни, ќе бидат сетирани во текот на месец декември“, вели Сашо Салтировски, менаџер на Електродистрибуција.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, го повтори апелот на Електродистрибуција и посочи дека оние домаќинства кои нема да овозможат пристап до броилата, ќе мора да го чекаат следниот месец за дневна евтина тарифа. Тој подвлече дека станува збор за дополнителна евтина тарифа, бидејќи во државата таква постои по 22:00 часот.

„Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да имаат евтина дневна тарифа да им дозволат пристапна службите на ЕВН до тој одреден момент. Поинаку, тоа ќе биде од следниот месец или, пак, на крајот на декември, ако немаат пристап за да интервенираат во нивните броила“, вели министерот Бектеши.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги летово донесе одлука евтината дневна тарифа да се воведе од 1 декември 2023 година, во периодот од 13 до 15 часот.

Ребека Спасова М-Нет