Детското одделение во Кочани – полно, кочанчани и денес дишат загаден воздух

Кочанчани дишат лош воздух. Институтот за јавно здравје вчера излезе и со препораки, а денес активистите посочуваат на неколку причини поради загаденоста на кочанскиот воздух. Освен фабриката „Пејпер мил“, овде ја наведуваат и градската депонија, но и други мали загадувачи.

„Причините во секој случај се индустриските загадувања кои не го почитуваат Законот. Проблемот го имаме веќе подолго време и за жал никој не презема ништо, мерат, им даваат забрана и пак ништо. Еден од поголемите е „Пејпер мил“, но не се исклучуват и други поголеми загадувачи. Во секој случај, тука се домовите, автомобилите, ама за да се спречи тоа загадување на долгорочен план, депонијата исто така која се пали“, вели Николоб.

Поради загадениот воздух, но и сезоната на вируси и настинки, Детското одделение во Општата болница во Кочани е полно. Дневно се прават и по триесетина прегледи кај деца и помлади пациенти кои имаат зголемена телесна температура, респираторни потешкотии и воспалителни процеси, при што потешките случаи се завршуваат на болничко лекување. Најсериозни проблеми има кај децата под три годишна возраст. Но во однос на ова, велат од „Здрав живот“, никој не презема мерки.

„Буквално никој ништо не презема, кријат се по дома, дури и порталите објавуваат препораки за тие кои имаат проблеми со здрвјето, дури и тие кои немаат да не излегуваат. Оставени сме сами на себе да се грижиме“, додава Николоб.

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, пак, вели дека препораките се почитуваат, односно од работа се ослободуваат бремените жени и оние кои веќе се заболени, но тоа е одлука од ден за ден. На приватните загадувачи посочува дека не можат да влијаат, а додава дека проблемот не е во кочанската градска депонија, туку загадувањето доаѓа од виничката депонија. Идејата за довод на вода на депонијата за полесни интервенции на противпожарната единица сѐ уште стои, но Папазов вели дека се проверува колку тоа ќе биде финансиски исплатливо во време на криза.

Ребека Спасова М-Нет