Денеска се одбележува празникот Свети Јоаким Осоговски

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Свети Јоаким Осоговски, светител кој со векови има силен култ во Македонија.

Свети Јоаким живеел во втората половина на XI век, а својот монашки подвиг го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај. Подоцна се населил во една пештера во местото Бабин Дол, во близина на Сарандапорската река, каде што во молитва и пост останал до крајот на својот живот. Поради местото на неговото подвизување, светителот е познат и како Сарандопорски.

Според житието, Свети Јоаким бил соподвижник на светите Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски. Откако четворицата решиле да продолжат по патот на осаменичкиот живот, Јоаким се упатил кон Осоговските планини, каде што го пронашол местото погодно за својот подвиг. Восхитен од животот на Свети Игнатиј Богоносец, бил подготвен да ги издржи гладот, жедта, студот и сите други искушенија.

На местото каде што живеел подоцна бил подигнат храм, откако Свети Јоаким му се јавил во сон на подвижникот Теодор од Овче Поле. Педесетина години по смртта на светителот, на местото каде што почивале неговите мошти бил поставен камен-темелник на манастирот кој го носи неговото име.

Житието на Свети Јоаким сведочи и за повеќе чудесни настани поврзани со неговите мошти. Еден од нив раскажува за ловци кои, откако не успеале да уловат ништо, го сретнале светителот, кој им покажал каде да ловат. По неговиот благослов, ловот им бил успешен, а подоцна тие повторно се вратиле да го посетат. Тогаш го нашле веќе упокоен и го погребале во неговата испосница.

Култот кон Свети Јоаким Осоговски низ вековите не згаснал. За неговото почитување сведочи и службата посветена на светителот, датирана уште во XIII век. Денес, манастирскиот комплекс посветен на Свети Јоаким Осоговски останува едно од најзначајните духовни места во овој дел од земјата, каде верниците доаѓаат да се помолат, да запалат свеќа и да побараат благослов.

Ева Тушевска, М-Нет