Денеска е 11 Октомври – Ден на народното востание на македонскиот народ

Денес се празнува 11 октомври – Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ— државен празник. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ.

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот.

За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани,распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври. Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.

Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет