
Кошаркарките на Патриот од Делчево утре ќе гостуваат кај шампионот Крива Паланка, во меч од 6. коло на Првата кошаркарска лига во женска конкуренција.
Екипата од Делчево е единствената која нема триумф односно има учинок од пет порази од толку натпревари, но и шампионот не е на потребното ниво во однос на ланската сезона. Две победи и три порази е ефектот на Крива Паланка, а против тимот од Делчево гледа идеална шанса за да го израмни ефектот на три – три.
Средбата ќе се одигра во салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка од 16 часот.
Поранешниот шампион Баскет Кам ќе гостува кај непоразениот лидер Вардар во меч кој стартува исто така во 16 часот. Тимот од Македонска Каменица ќе се обиде да биде првиот тим кој триумфирал над Вардар, а скопскиот тим ќе атакува на шест од шест.
Еден час подоцна ќе стартува и средбата меѓу Гевгелија и Бадел, каде гостинот е фаворит, а домаќинот ќе ја бара втората победа.
Колото се отвори во средата со триумф на МЗТ од 72:49 над Пробаскет.
Александар Ванев, М-Нет