
Пред речиси неколку месеци во Општина Штип за прв пат се користеше механизација со која дрвјата наместо да се сечат од булеварот Партизанска беа целосно вадени и засадени на друго место. Новата локација на тамошните дрвја беше кејот на река Брегалница во населба Осми ноември. Целта на ова беше дрвјата да продолжат да вегетираат само со променета локција. Во склоп на ова беше и понатамошна можност граѓаните во топлите летни денови да одмараат и да се разладуваат под сенката на дрвјата покрај Брегланица.
„Како што гледате, за првпат во историјата на Штип и Источна Македонија се случува да не доаѓа моторната пила и да се сечат дрвјата и да се уништуваат, туку ги вадиме од корен и ги пресадуваме. Тоа значи дека во секој случај водиме сметка за зеленилото на град Штип, за кислородот којшто ни е потребен во ова време“, зборуваше директорот на ЈП „Исар“ во април.
Но, само неколку месеци откако истите се пресадија дел од нив се речиси исушени, а друг дел покажуваат знаци на исушување. Зошто е тоа така одговор побаравме од директорот на ЈП„Исар“ Здравко Коцев, кој вели не може да се предви дали дрвјата ќе преживеат или не.
„Сето тоа е предвидено. Нормално дека тие дрвја не можат 100% да бидат успешни во своето пресадувње. Ризикот беше таков, но во секој случај беше подобро да се направи тоа отколку да се исечат тие дрвја. Јас ги следам почесто тие дрвја и сè уште не завршиле дефинитивно, бидејќи на некои места покажуваат вегетација, а некои гранки се исушени. Во секој случај, ако се преброди и овој период, има шанси да успеат. Не верувам тоа да биде 100%, меѓутоа 70% од дрвата би успеале“, додаде Коцев.
Речиси идентична судбина делат и засадените цвеќиња на кружниот тек. Дел од нив исушени, друг дел заглавени во трева. Коцев вели ќе се заменат со нови.
„Што се однесува до цвеќињата, секогаш не може да се предвиди каков вид на цвеќе може да опстои на асфалт, на 40 степени и кусур надвор, меѓу возила и прашина. Еден поголем дел успеваат, еден мал дел, што велиме по штипски, чемреат. Се надевам дека во иднина ќе бидеме малку поконкретни при изборот на цвеќиња и поуспешни“, изјави Коцев.
Коцев посочи дека дрвјата кои покажале знаци на сушење, но сè уште не се исушени, ќе бидат наводнувани повеќе со цел да не се исушат комплетно.
„Ние се надеваме дека со почесто наводнување, за кое ќе користиме техничка вода од Брегалница, ќе ги одржиме во некоја кондиција, но периодот на адаптација и преживување не можеме да го предвидиме. Реков, доколку 70% биде успешно тоа пресадување, ние ќе бидеме пресреќни“, напомена директорот.
Во меѓувреме се работи и на уредување на други делови од Општина Штип за градот да добие подобар и модерен изглед.
Лаура Стојанова МНет