Две тешки сообраќајни несреќи се случија во Штип.
Имено, синоќа, околу 2 часот по полноќ се случила тешка сообраќајна незгода на крстосницата од ул. „Христијан Тодоровски Карпош“ ул. „Славчо Стојменски“. Мотоцикл со прилепска регистарска ознака, управуван од 24 годишниот С.Д. од Штип, удрил во патничко возило „фолксваген голф“ со штипска регистарска ознака управувано од 25 годишната А.С. од Штип. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил С.Д., додека со телесни повреди се здобила А.С., констатирани во Клиничка болница Штип, соопштија од СВР Штип. Очевидци на местото на настанот за МНет Телевизија тврдат дека мотоциклистот имал и сопатник. И двајцата со тешки телесни повреди биле пренесени во Клиничката болница Штип.
Портпаролот на КБ Штип, Марина Шуманска, рече дека повредените сега се на ортопедија и хирургија.
Трагите на местото на несреќата сведочат за немилиот настан. Утринава, пак, сообраќајна несреќа имало и кај градските гробишта во Штип. Возачот со тешки телесни повреди бил пренесен во Клиничката болница Штип. Повредениот бил прегледан, но е надвор од животна опасност. Повеќе детали од СВР Штип во врска со овој случај се очекуваат во текот на денот.
Ребека Спасова МНет
