Две години условна казна затвор за штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски во „Империја“

Условна казна затвор од две години за штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски, а заедно со „Езимит вино“ ДООЕЛ солидарно треба да платат и штета од 92,25 милиони денари во корист на државниот буџет, додека АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува во граѓански спор. Ова е пресудата која ја денеска ја изрече Основниот кривичен суд – Скопје во раздвоената постапка за случајот „Империја“. Условната казна на Митровски му се изрекува во следните пет години доколку не стори друго кривично дело.

„Судот за кривично дело „злоупотреба на службената положба“ му утврдува казна затвор од една година и три месеци, додека за делото „перење пари“ казна затвор од една година и еден месец. Согласно Законот за двете кривични дела Судот му одредува една единствена алтернативна мерка условна осуда казна затвор од две години затвор, ако во следните пет години не стори друго кривично дело.“ – истакна судијката Васка Николовска Масевска.

Обвинетитот на претходното рочиште доброволно даде признание на вина за делата кои му се ставаат на товар, што според обвинителката е исклучително олеснителна околност и со тоа значително придонел за економичноста на постапката, како и тоа дека досега не е осудуван. Отежнителните околности, пак, се начинот и мотивот на извршување на делото.

Судијката при изрекувањето на пресудата рече дека Митровски е виновен затоа што во периодот 2012 – 2013 година со искористување на своите позиции во Одборот на директори на АД Бетон и за лична корист, заедно со останатите обвинети, нанеле штета од 256 милиони денари или 4 милиони евра на АД Бетон. Во случајот „Империја“ во предистражна постапка беа опфатени повеќе лица. За дел во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување, како и решенија за неповедување на кривична постапка. Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал, како и онаа на бизнисменот Орце Камчев, кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на Управата за јавни приходи.

Ребека Спасова М-Нет