Грин Машинс, бренд на македонската компанија БРАКО, продолжува да го зајакнува своето присуство на американскиот пазар. Компанијата учествуваше на саемот ПВХ 2026 во Хјустон, САД, каде што заедно со својот дилер за Тексас, ИДС Еквипмент, ги претстави електричните метларки ГМ720зе и ГМ500зе.
Присуството во Хјустон беше можност Грин Машинс да ги претстави своите целосно електрични решенија за урбано чистење пред американската професионална јавност.
Интересот за електричните метларки на Грин Машинс во САД расте, а меѓу неодамнешните клиенти на компанијата се Дизни Студиос и Градот Сиетл. Машини на Грин Машинс веќе работат на повеќе локации низ Соединетите Американски Држави, што за компанијата претставува значајна потврда за конкурентноста на производите развиени и произведени во Македонија.
„Како сопственик, горд сум на она што Грин Машинс го постигнува на американскиот пазар. Особено сум горд што машини дизајнирани и произведени во Македонија денес работат низ Соединетите Американски Држави, кои се еден од најголемите и најконкурентните пазари во светот. Неодамнешните нарачки од клиенти како Дизни Студиос и Градот Сиетл се уште една потврда за довербата што ја градиме. Ова е резултат на работата на нашиот тим во САД и на партнерите кои ја препознаваат вредноста на нашиот бренд“, истакна сопственикот на БРАКО и Грин Машинс, проф. д-р Кочо Анѓушев, во објава на социјалните мрежи, честитајќи им за постигнатите резултати на вработените во Грин Машинс Ју-Ес, компанијата-ќерка на македонската Грин Машинс, со седиште во Калифорнија.
На ПВХ 2026, Грин Машинс настапи заедно со ИДС Еквипмент, својот дилер за Тексас, кој е дел од продажната и сервисната мрежа преку која компанијата го развива своето присуство на американскиот пазар.
ПВХ е еден од значајните настани за секторот на јавни и комунални услуги во Северна Америка, кој на едно место ги поврзува професионалците од областа на јавната инфраструктура, претставници на градови и локални власти, комунални претпријатија, инженери и компании кои нудат современи решенија за урбаните средини.
Текстот Грин Машинс го зајакнува присуството на американскиот пазар – ГМ720зе и ГМ500зе претставени на саем во Хјустон е превземен од МАКФАКС.