Граѓаните во Штип веќе почнаа да ги менуваат личните документи по повисоки цени

До крајот на годината треба да се променат личните документи со новото уставно име на државата. Личната карта, возачка дозвола и пасошот, треба да бидат променети и тоа по новите поскапи цени. Оваа информација за дел од граѓаните во Штип веќе е позната, друг дел велат дека не се информирани, но дека ако мораат тоа ќе го сторат. Голем дел од анкетираните штипјани веќе ги имаат променето личните документи со новото уставно име, а за останатите до Нова година има доволно време за да се среди ова.

Граѓаните на терен се согласни дека ваквата одулка во последниот квартал од годината може да го преоптовари системот, оти најголем дел од нив тогаш ќе ги променат своите лични документи. Но, сепак сметаат дека до 2024 година голем процент од населението ќе има лични документи со новото уставно име.

Во однос на зголемувањето на цените, од МВР објаснија дека набавните цени за репроматеријалите се зголемени за 90 проценти и затоа е направено зголемување кое не е големо, според министерот Спасовски.

Наместо промена на регистерските ознаки, се донесе одлука со која се дозволува да се стави налепница со новото уставно име на државата.

Лаура Стојанова М-Нет