Големо дерби на Балкан и лидерот Мал Ајакс од Штип, Овче Поле домаќин на Победа, Кратово против Партизан Југ

АРХИВА

Утре со натпреварот меѓу СЕЕ Университи и ССК Скопје ќе биде отворено 16. коло на Втората футсал лига на Македонија, каде домашниот тим ќе биде благ фаворит.

В сабота се игра големото дерби меѓу Балкан кој го дели второто место и лидерот Мал Ајакс од Штип, каде трите бодови се императив и за двата тима. Балкан мора да триумфира и да ги освои трите бодови со цел да го сочува второто место, а притоа да го напаѓа и првото место, а од друга страна триумф за штипјани ќе значи и сигурен пат кон враќање во Првата лига.

Екипата на Кратово како домаќин во Пробиштип ќе го пречека Партизан Југ од Брвеница, каде домашниот состав ќе бара начин за враќање на победите, а пак гостинот сака победа со која би можел да прогреси на табелата.

В недела во Свети Николе екипата на Овче Поле како фаворит ќе ја пречека прилепска Победа, со тоа што ланскиот прволигаш доколку ја оправда фаворитската улога и во зависност од исходот од дербито меѓу Балкан и Мал Ајакс може да остане осамен на второто место.

Каршиака на домашен терен како фаворит ќе игра против Конзули од Битола, последнопласираниот Карадаку ќе го пречека тимот на Кораб од Дебар. Во рамки на оваа коло слободна ќе биде екипата на Енхалон.

Во однос на табелата лидер е Мал Ајакс од Штип со 39 бодови на своето конто, Овче Поле и Балкан го делат второто место на табелата со по 31 бод, а пак Кораб е четврти со 28 бодови и од сенка го напаѓа второто место.

Александар Ванев, М-Нет