
Спортско-качувачкиот клуб Астибо од Штип бележи успешен период исполнет со настапи на домашни и меѓународни натпреварувања, освоени признанија и значајно искуство од качувачка експедиција во Соединетите Американски Држави.
По летниот распуст, клубот започнал со интензивни подготовки за натпреварувачките предизвици, а резултатите не изостанале. На домашното првенство во Карпош, членовите на Астибо оствариле добри резултати во повеќе возрасни категории.
Најголемиот успех на меѓународната сцена го постигна Матеј Марков, кој стана балкански шампион во категоријата до 21 година на натпреварувањето во Мостар. Значајно искуство стекна и младиот Јован Папакоча, кој настапи на натпреварување во Романија во категоријата до 13 години.
Четворица млади членови на клубот настапија на Отворениот балкански куп во Белград. Во категориите до 9 и до 11 години тие покажале солидни резултати, стекнувајќи драгоцено натпреварувачко искуство.
„Периодов после летниот распуст почнавме со интензивни тренинзи за предизвиците кои ги имавме на домашните и меѓународните натпревари. Домашното првенство кое го имавме во Карпош, имаме доста добри резултати во повеќе категории. Имавме неколку меѓународни натпревари и еден голем успех каде што имавме балкански првак во У-21 категорија, тоа е Матеј Марков во Мостар. Покрај него имавме уште еден наш член во У-13 тоа е Јован Папакоча во Романија, натпревар кој се покажа на едно повисоко ниво за кое треба уште да работи како клуб, меѓутоа Јован е мотивиран и мислам дека ќе продолжи подобро. Уште четири наши членови, Анастасија, Миро, Матео и Ѓорги на отворен Балкански куп во Белград, каде покажаа солиден резултат за нивно искуство бидејќи се работеше за категорија У-9 и У-11 прилично мала категорија за деца, но доста амбициозна.“
Искусниот Јован Иванов, кој е и тренер во Астибо во Штип носи големо искуство стекнато во Соединетите Американски Држави.
„Во периодот од 9-ти до 30-ти октомври имавме една качувачка експедиција во САД, проследена со Куп во Солт Лејк Сити. Меѓутоа главна цел беше качување на Јосемити нешто сосема поинаку од кај нас голема желба на дел од екипата што се занимаваме со години. Прилично чудно и големо искуство за сите нас, сосема различно од тоа што сме го работеле до сега. Покрај качувањто во Јосемити, посетивме доста голем број на спортски сали за качување, дискутиравме со различни тренери околу програми и напредок затоа што Америка стана премногу силна земја од моментот кога спортско качување стана олимписки спорт. Тамошниот модел за работа со професионални спортисти е на премногу високо ниво. Имавме прилика да ги посетиме националните вежбални на репрезентацијата на Америка во спортско качување и да украдеме некоја идеја да реализираме и кај нас во иднина.“
За време на престојот во Америка, биле посетени повеќе спортски сали за качување, размениле искуства со тамошни тренери и се запознале со современите методи за подготовка на професионални спортисти.
Особено значајна била посетата на националните тренинг-центри на американската репрезентација во спортско качување.
Александар Ванев, М-Нет