Големи победи за Вардарски и Рудар, трите бода останаа во Свети Николе

Вардарски продолжува да гази во новата сезона откако со високи 4:2 го доби Малеш од Берово за нова висока победа.

Кокалонски во 8. минута донесе водство за домаќинот, а Арсов израмни на 1:1 на полувреме.

Во вториот дел Баламов погоди за 2:1, а Малеш одново израмни преку Каракутовски. Баламов со втор гол донесе нова предност за Вардарски, а Јанев ги постави конечните 4:2.

Прв сезонски бод за новајлијата Ударник откако во дербито со Дојранско Езеро одигра реми без погодоци (0:0).

Овче Поле стигна до нова победа откако со пресврт дома славеше со 3:1 над Тиверија. Струмичани со голот на Трајков од 48. минута беа во водство, се до 77. минута кога Трендафилов израмни на 1:1, а Симонов со два гола обезбеди пресврт и три бода во победа од 3:1.

Рудар со победа ја отвори новата сезона во Трета македонска фудбалска лига – Исток откако со 5:3 славеше над Карбинци.

Херој за домашниот тим беше голгетерот Марио Атанасовски кој постигна четири гола, а еден гол беше дело на Слаѓан Митевски, за Карбинци стрелаа Димитров, Митев и Стојанов.