
Репрезентацијата на Македонија забележа голема и убедлива победа од 17:36 против Естонија на гостински терен во Талин. Избраниците на Кирил Лазаров ја исполнива првата од двете цели кои ги имаат пред себе со цел да се изборат за учество на Европското првенство кое се игра следната година.
Македонија одигра одличен натпревар со тотална доминација на теренот и уште од прв момент македонската репрезентација започна да ја полни мрежата на противникот, а на полувреме имавме 10:19.
Во вториот дел со уште поголема домианција Македонија стигна до голема победа над Естонија од 17:36.
Најдобар стрелец во македонската ракометна репрезентација беше Кузмановски со шест гола, Серафимов имаше пет гола од пет обиди, а пак Лазаревски постигна четири гола. Томовски запиша 13 интервенции, а пак Митревски имаше седум одбрани.
Во недела ни следува натпреварот против Литванија, кој мораме да го добиеме со најмалку три гола разлика и така да бидеме втори во нашата група зад Словенија и со тоа да се пласираме на Европското првенство, во случај на победа со помала разлика ќе бидеме трети и потоа ќе треба да се калкулира дали ќе бидеме меѓу четирите најдобро третопласирани репрезентациите во групите, а тука многу ќе биде важна и гол-разликата, затоа победа во Скопје над Литванија од три гола разлика е прва опција.
Европското првенство во ракомет ќе се игра во период од 15 јануари до 1 февуари 2026 година, а домаќини ќе бидат Данска, Норвешка и Шведска.
Александар Ванев, М-Нет