Второлигашот Кожуф договори неколку засилувања, познат е планот за зимските подготовки!

Второлигашот Кожуф од Гевгелија кој го води штипскиот тренер Иван Варадиновски, денес ги започнува подготовките за пролетниот дел од сезоната. Познат е планот на подготовките, а истите ќе се реализираат во Гевгелија.

Кожуф формата ќе ја проверува со прволигашите Арсими и Работнички, со второлигашите Беласица и Детонит Плачковица како и со третолигашот Победа Валандово.

Од тимот заминаа Николче Шаркоски и голманот Борче Картов, како и Благоја Спиркоски кој веќе е промовиран за нов фудбалер на Охрид.

Тимот засега се засилува со неколку фудбалери, а се очекува во следните денови да пристигна уште две поискусни засилувања. Нови имињата во Кожуф се Ристе Лембовски кој доаѓа од Вардар Неготино, Давор Богевски кој последно настапуваше за Слога Виница, Лука Варешаноски кој последните шест месеци ги мина во Победа, Давид Ивановски беше дел од швајцарски Винтертур, како и голманот Антонио Шемковски кој се враќа во Кожуф од тимот на Големо Коњари.

Во следните денови ќе бидат познати и останатите имиња кои треба да пристигнат во Гевгелија.

Есенскиот дел тимот од Гевгелија го заврши на деветтото место или во бараж зоната, а пролетниот дел го отвара против штипска Брегалница на домашен терен и тоа ќе биде соочување на два штипски тренери Иван Варадиновски против Влатко Костов.

Александар Ванев, М-Нет