Врховниот суд ја објави одлуката со образложението зошто ги укинал пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје во предметот против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, и го вратил предметот на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.
Според одлуката, Врховниот суд оценил дека пониските судови не утврдиле точно за каков тип објект станува збор во делот од предметот за кривичното дело „Бесправно градење“, односно дали се работи за траен објект за кој било потребенo одобрение за градење или за времен објект за кој било потребно одобрение за поставување.
Врховниот суд посочува дека врз основа на доказите треба јасно да се утврдат типот и правниот статус на објектот, особено неговите градежно-технички карактеристики, материјалите и намената.
„Судот врз основа на доказите кои се изведени во текот на постапката треба јасно да го утврди типот на објектот и неговиот правен статус, а
особено имајќи ги предвид градежно-техничките карактеристики и материјали и намената. Ова од причина за да се утврди дали се работи за траен објект за кој е потребно дозвола за градење или евентуално се работи за времен објект за кој било потребно одобрение за поставување. Со оглед на тоа што пониските судови не го утврдиле типот на изградениот објект, неговата категоризација, односно дали објектот кој по своите карактеристики е монтажен објект наменет за Локалната самоуправа подлежи на обезбедување на одобрение за градба, сториле повреда на Кривичниот законик, бидејќи со сигурност не утврдиле постоење на сите битни елементи на кривичното дело кое му се става на товар на сега осудениот“, стои во објавата.
Целото образложение на ЛИНКОТ.
Текстот Врховен за укинувањето на пресудата за Јакимовски: Не било утврдено дали објектот бил траен или времен е превземен од МАКФАКС.