
Воено-показни вежби, средства и опрема со кои се служи 2. пешадиски баталјон сместен во штипската касарна „Јане Сандански“ беше она што денеска можеше да се види таму. Отворениот ден на кој присуствуваа учениците од средните училишта во Штип и заинтересирани граѓани беше во рамки активностите за одбележување на Денот на НАТО и три години од полноправното членство во Алијансата. Учениците ги искажаа и своите импресии од опремата и обученоста на припадниците на Армијата.
„Денес имав чест да учествувам на оваа манифестација од Армијата, да разгледаме различни возила, оружја. Возилата, главно, ми беа најинтересни. Сметам дека е стресна професија и им треба многу храброст на оние кои се одлучиле да работат во Армијата“, истакна Магдалена Столеска, ученичка во СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип.
„Најинтересни ми беа вежбите со снајперите, каде што можевме да видеме од прва рака како е да гледаш од снајпер и како тоа изгледа. Ова е едно одлично искуство за сите деца коишто би сакале во иднина да ја штитат нашата земја“, истакна Дино Михолов, ученик во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип.
На отворениот ден во посета на Касарната „Јане Сандански“ беше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на која исто така ѝ беше претставена опремата, а присуствуваше и на една од трите изведени воено-показни вежби.
Отворен ден за граѓаните освен во касарната „Јане Сандански“ во Штип, денеска се реализираше и во касарните „Илинден“ во Скопје и „Кузман Јосифовски Питу“ во Тетово.
Ребека Спасова М-Нет