
Нешто помалку од 450 ученика се запишале во штипските средни училишта во првите две пријавувања. Најмногу запишани ученици има во СОУ „Коле Нехтенин“, околу 180, потоа следи средното медицинско училиште „Јане Сандански“ со околу 170 ученици, па Гимназијата со 93 ученика. Во средното текстилно училиште запишани се околу 20 ученика.
„Во сите средни општински училишта веќе заврши првиот уписен рок и резултатите се околу 440 ученика запишани во средните општински училишта. Тоа е онаа бројка којашто беше очекувана и може да кажеме дека во две средни училишта веќе е завршен уписот и тоа во две паралелки. Во СОУ „Коле Нехтенин“ тоа е за профилот Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, каде е пополнет бројот, и во СОУ „Јане Сандански“ во насоката Медицинска сестра“, истакна Снежана Санева од Одделението за образование при Општина Штип.
За разлика од минатата година, годинава учениците не се соочија со проблеми во уписите, бидејќи свидетелствата ги добија навреме. Министерството за образование и науки ги достави, а процесот на доделување е завршен во сите штипски основни и средни училишта.
„Во врска со бројката можеме да кажеме дека годинава околу 5500 ученика зеле свидетелства на ниво на општина, од кои 3500 се во основни општински училишта, а 1950 во средните училишта. Наредната година учениците ја дочекуваат подготвени со комплетирано образование од претходната година за да се запишат во прва година или да го продолжат образованието“, додава Санева.
Инаку, интересот за гимназии има тенденција на опаѓање на ниво на цела држава, па бројот на запишани во стручно образование е двапати повеќе од оние во гимназиско. Запишани се вкупно 15.481 ученик. Од нив 4.603 се запишани во гимназиско образование, а 10.277 во стручно образование. 187 се запишале во уметничко образование, а 414 во спортска гимназија. Од МОН соопштуваат дека за настава на македонски наставен јазик се 11.325 ученици, 3.852 на албански, 298 на турски и 6 на српски наставен јазик.
Ребека Спасова М-Нет