
Утре во Штип ќе биде затворено осмото коло на Првата македонска фудбалска лига, со натпреварот меѓу Брегалница и Скопје, дуел на двете екипи за излез од резултатската криза.
„Сините“ имаат форма од две победи, едно реми и четири порази, а на последните пет средби формата на штипјани се движи со пораз од Шкендија, победа над Башкими, два порази во низа од Струга и Шкендија Арачиново и реми во Кратово со Силекс. Точно еден месец Брегалница нема триумф во Првата лига и веќе утре против Скопје гледа идеална шанса за враќање на победничките патеки.
Гостинот од Автокоманда во градот под Исарот доаѓа да ја бара дури првата сезонска радост во осмото коло, затоа што е единствениот тим во Прва лига без триумф. Скопје има три ремија и четири порази и се наоѓа на дното од табелата со три бодови.
Формата на Скопје од последните пет средби се движи со пораз од Силекс во Кратово, потоа две последователни ремија со Тиквеш и Арсими, како и два порази во низа од Башкими и Шкендија Арачиново.
Со победа Брегалница ќе биде шеста на табелата односно ќе ги помине Силекс и Арсими, со тоа што во таков случај тимот од Кратово ќе биде седми, а тимот од Чегране осми односно ќе заврши во бараж зоната. Ако Скопје слави во градот од Исарот, тогаш ќе биде деветти односно претпоследен со шест бода и ќе има два бода помалку од зоната за директен опстанок, а пак Башкими во таков случај ќе биде на дното.
Со реми Брегалница ќе избие на седмото место и ќе има ист број на бодови како и Арсими, а пак Скопје ќе се израмни со Башкими за делба на деветтото место со по четири бодови. Од таа причина најмногу и на двете екипи им одговара само победа.
Натпреварот во Штип ќе започне во 18 часот и ќе се игра под рефлектори, а правдата ќе ја дели Стојанче Трпчевски, негови помошници ќе бидат Гоце Петрески и Бранко Путилин, а пак Марјан Дејаноски ќе биде четврти судија.
Александар Ванев, М-Нет