
Нов Марш за ангелите во сабота на 24 јануари во Кочани. Од Здружението на граѓани „16 Март 2025“ Кочани јавно реагираат на постапките поведени против деца и млади по трагичниот настан во дискотеката.
„Наместо институциите да ја утврдат одговорноста таму каде што реално лежи, фокусот неоправдано се насочува кон млади лица кои сами биле изложени на опасност.
Јавноста јасно укажува дека реакциите на дел од младите по настанот биле последица на шок, траума и силно чувство на неправда – а не свесно или намерно делување. Многу граѓани сметаат дека тој така-наречен трагичен настан е резултат на сериозни пропусти, толерирање ризици и можна коруптивна заштита што му овозможиле на објектот да работи без основни стандарди за безбедност. Човечкиот живот не може и не смее да се стави пред материјална штета. Безбедноста и животот на секое дете таму биле загрозени многу пред револтот.“ – стои во соопштението од здружението.
Затоа, доминантниот граѓански став е дека токму причините за трагедијата и институционалните пропусти мора да бидат во центарот на истрагата – а не младите кои беа директни жртви на таа небезбедност.
Од здружението испратија порака до институциите преку која бараат непристрасно, стручно и одговорно постапување – без селективна правда, утврдување на одговорноста на сите што биле должни да обезбедат безбедност во објектот, како и итно запирање на неправедното насочување вина кон младите, кои беа изложени на ризик, а не причинители.
Маршот и оваа сабота започнува во 14:05 часот од Паркот на револуцијата, а се повикуваат сите граѓани да дадат поддршка со цел да се упати јасен, гласен и достоинствен повик за вистинска правда.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет