Во ЖИВО на М Нет: Осогово – Кожуф, недела од 16 часот

Утре на М Нет телевизија ќе можете да следите уште еден натпревар од 5. коло на Втората македонска фудбалска лига, директен пренос од Кочани, каде Осогово ќе го пречека Кожуф на Градскиот стадион.

Дуел каде двете екипи ќе имаат и доза на притисок за да стигнат до трите бодови, бидејќи време е за собирање на бодови и прогрес на табелата. „Жетварите“ на Крсте Крстев по четири кола никако да победат, имат ефект од едно реми и три порази за само еден бод од можни 12, а пак гостинот од Гевгелија кој го води Дарко Крстески е со нешто подобар ефект односно два порази, реми и една победа и четири бодови на своето конто.

Двете екипи сакаат цел „плен“, бидејќи на тој начин ќе имаат можност за прогрес и бегство кон горниот дел на табелата особено Кожуф, кој би имал седум бодови и може да напредува, а пак Осогово со победа ќе има четири бодови и во зависност како ќе одиграат другите екипи има можност да ја напушти опасната зона.

Следете го натпреварот меѓу Осогово и Кожуф во живо на М Нет телевизија, утре, недела од 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет