
Повеќе од десет дена е хакиран системот на Фондот за здравство, а нема исплата на плати, здравствено осигурување, боледување, породилно и рефундации – реагираа од Комисијата за здравство при ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму додаваат дека Фондот за здравствено осигурување се однесува неодговорно, а тоа е она за што во неколку наврати реагирале од ВМРО ДПМНЕ. Бидејќи Фондот нема капацитет да ги реши проблемите, од Комисијата бараат итна одговорност и заминување на Владата час поскоро.
„Иако се работи за правата на здравствените работници кои се обврзани редовно да ги плаќаат своите осигурувања. 15 во месецот лекарите, медицинските сестри, болничарите и останатиот персонал немаат плата, здравствените осигуреници немаат здравствено осигурување. Иако веќе неколку години Фондот за здравствено осигурување има проблем со кадар сепак изминатиот период даде фокус на вработување на административниот кадар, но нема вработување на медицински кадар. Фондот за здравство и Министерството за здравство имаат средства за разноразни раководители, помошници, соработници, координатори водејќи нула грижа за своите осигуреници и медицинскиот кадар.“ – Костадинов.
Од Фондот во писмено соопштение истакнаа дека се побарани податоците од сите здравствени установи најдоцна до понеделник да се достават, за да може побрзо да се исплатат плати. Фондот им се заблагодарува на сите здравствени работници за трпението и апелираше за понатамошна соработка, имајќи предвид дека техничките тимови работат постојано и секојдневно, се наведува во соопштението.
„ФЗОРСМ ја уверува јавноста дека ги користи сите расположливи капацитети и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои има правна можност, а со привремените решенија кои Фондот ги операционализира во кус рок, се надминуваат дел од проблемите, особено и се овозможува функционирање на системот во услови на сајбер напад. Во оваа прилика би сакале да ја искористиме можноста и повторно да потврдиме дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Воедно напоменуваме дека, во однос на исплатата на боледувањата, породилното отсуство и рефундацијата, со ставање на системот во целосна функција ќе бидат исплатени сите обврски на ФЗО кон осигурениците, но и кон здравствените установи. Подрачните служби на Фондот функционираат согласно препораките и во континуитет ги примаат барањата, а контролорите од ФЗОРСМ веќе и започнуваат со контроли на терен врзани со спроведувањето на сите споделени упатства и насоки за работење“, се посочува во соопштението.
Ребека Спасова М-Нет