
Населбата Железничка во Штип вечерва ги отвора вратите на храмот „Свети Иларион Мегленски“ за верниците кои во пресрет на неговиот празник ќе дојдат да се поклонат пред неговата света икона и да се помолат за здравје, мир и спасение. Во предвечерието на празникот предвиден е вечерна богослужба, со празнична молитва која започнува во 17:00 часот, со што и официјално ќе започне празникот во оваа штипска населба. Но, покрај вечерва, рано наутро утре ќе се отслужи и Света Божествена Литургија. На свечената служба ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион, чиј пречек е предвиден за во 08:00 часот.
Но, она што овој храм го прави уште позначаен за верниот народ е тоа што во него се наоѓа и чудотворната икона на Свети Нектариј Егински. За време на празничните богослужби, верниците ќе имаат можност да се поклонат и пред овој голем светител, барајќи духовна крепост, исцеление и внатрешен мир за себе и за своите семејства.
Инаку, светиот Иларион Мегелснки е роден од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молела на Бога да ѝ даде едно дете и заради нејзините молитви ѝ се појавила Пресвета Богородица утешувајки ја со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имал само три години, од неговите усни непрестајно се слушала песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“ Добро школуван, тој се замонашил во својата осумнаесетта година и основал манастир со типикот на свети Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј, во 1134 година го ракоположил за епископ Мегленски. Свети Иларион речиси сиот живот водел голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но, со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрамил сите и мнозина од нив ги приведел кон Православието. Се упокои мирно во Господ во 1164 година.
Иван Митев, М-Нет