Вечерва започнува празнувањето на светите лекари Козма и Дамјан – утре литургија со митрополитот Иларион во црквата при КБ Штип

Вечерва започнува празнувањето на празникот посветен на светите бесребреници и чудотворни лекари Козма и Дамјан. Во пресрет на празникот, бројни семејства ги одбележуваат своите домашни слави, додека утрешниот ден е посветен на верниците кои ги носат имињата на светите браќа и го слават својот именден.

По тој повод, утре во 8 часот, во црквата посветена на светите Козма и Дамјан, во кругот на Клиничката болница во Штип, митрополитот Иларион, заедно со свештениците од Брегалничката епархија, ќе отслужи света архиерејска литургија. Верниот народ ќе упати молитви за здравје и спасение, за себе и за своите најблиски, како и за сите оние на кои им е потребна Божја помош.

Светите Козма и Дамјан биле бесребреници и чудотворци, браќа по тело и по дух, родум од Азија. Потекнувале од татко незнабожец и мајка христијанка по име Теодотија. По смртта на нивниот татко, мајка им целото свое време и труд ги посветила на тоа да ги подигне и воспитува синовите како вистински христијани. Со Божја помош, тие израснале во луѓе исполнети со вера и љубов кон Бога.

Биле научени на лекарската вештина и бесплатно им помагале на болните, не толку со лекови колку со името на Господ Исус Христос. Поради тоа биле наречени бесребрени лекари, бидејќи лекувале бесплатно, исполнувајќи ја Христовата заповед: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“

Според нивното житие, светите браќа биле големи чудотворци, како за време на животот, така и по нивната смрт. Нивниот живот бил исполнет со вера, чистота и милосрдие, а Господ ги прославил со чудотворство.

Светите Козма и Дамјан и денес се почитуваат како бесребрени лекари и чудотворци, а верниците им се обраќаат со молитви за здравје, исцеление и Божја помош.

Иван Митев, М-Нет