
Булеварот „Партизанска“ денеска добива асфалтен слој. На овој потег во близина на Автобуската станица се промени фекалната канализација, активности кои траеја околу три месеца, а денеска улицата конечно беше и асфалтирана.
„Како што најавивме, од денес па во наредните денови започнуваме со асфалтирање на неколку улици. Прва на ред е булеварот „Партизанска“ на којшто во изминатиов период се работеше за промена на подземната инфраструктура. Ова е едно од најфреквентните места во нашиот град, ќе добие асфалтна маса“, истакна градоначалникот Јорданов.
Градоначалникот посочи дека асфалт ќе има на повеќе улици во градот согласно со предвидената Програма, а доколку се изнајдат начини за финансирање, булеварот ќе се продолжи до населбата Баби во текот на оваа календарска година.
„Ќе ги искористиме деновите коишто претстојат, доброто време за асфалтирање на неколку други улици коишто се ставени во Програмата за уредување на градежно земјиште. Се надевам дека сето она коешто ќе се случува во наредниот период, асфалтирањето на улиците ќе придонсе за осовременување на условите во градот. Булеварот заслужува да биде продолжен до населбата Баби. Во завршна фаза е изнаоѓањето на начин за негово финансирање, уредување и третирање на потегот од Осми ноември до населба Баби. Се надевам дека тоа ќе се случи оваа календарска година“, додава Јорданов.
Асфалтирањето на улицата е општинска инвестиција вредна околу 2,5 милиони денари, а претходно за промената на канализацијата се потрошија околу еден милион денари.
Ребека Спасова М-Нет