Брегалница го промовираше искусниот Кристијан Стојкоски

Прволигашот Брегалница продолжува со засилувањата пред стартот на новата сезона, а најново име во редовите на штипските „сини“ е искусниот офанзивен играч за врска Кристијан Стојкоски, кој пристигнува од екипата на Тиквеш.

34-годишниот фудбалер зад себе има одлична сезона во кавадаречкиот прволигаш, каде на 27 натпревари постигна пет погодоци и запиша пет асистенции.

Стојкоски носи богато прволигашко искуство, а во текот на својата кариера настапуваше за Тетекс, Македонија ЃП, Шкупи, Работнички, АП Брера Струмица и Тиквеш. Станува збор за технички поткован фудбалер, чија најсилна страна е левата нога, а во Брегалница очекуваат токму неговото искуство, квалитет и креативност да бидат значаен адут во новата сезона.

Зад себе има и богата колекција на трофеи, откако четири пати го освојуваше Купот на Македонија. Првата титула ја освои со АП Брера Струмица во сезоната, потоа двапати триумфираше со Македонија ЃП, а последниот куп-пехар го подигна со Тиквеш.

Брегалница новата прволигашка сезона ја отвора на 25 јули, кога во Скопје ќе му гостува на актуелниот шампион Вардар во натпревар од првото коло на ПМФЛ.

Александар Ванев, М-Нет