
Врнежите од дожд ја наполнија акумулацијата Калиманци, браната Гратче изминатиот период цело време е на прелив. Во браната Калиманци има акумулирано околу 90 милиони метри кубни вода, а од денеска водата ќе се испушта преку хидроелектраната, со цел да може да се акумулира нова вода доколку има нови обилни врнежи од дожд.
„На просторот на брана Калиманци има заврнато околу 30 литри дожд на метар квадратен. Моменталниот доток е 44 метри кубни вода во секунда, а има акумулирано 87 милиони метри кубни вода и од денеска ќе започнеме со испуштање на вода преку хидроелектраната се со цел да одржиме ниско ниво на брана Калиманци доколку има обилни врнежи на дожд да ја задржиме водата во браната. Брана Гратче е на прелив цело време. Моментално преку брана Гратче поминуваат четири метри кубни вода во секунда“ – вели Зашов.
Кога се во прашање реките во Источниот дел од државата, водостојот е зголемен речиси секаде, но ситуацијата се држи под контрола и нема излевање. Од АД Водостопанство Брегалница Кочани истакнаа дека екипи се постојано на терен и се работи во координација со општините, со цел коритата на реките да се држат чисти и да не се повторат поплавите како во Облешево и Грдовци изминатиот период.
Според УХМР најмногу дожд во изминатите 24 часа е регистрирано во Штип и Демир Капија каде наврнаа по шест литри дожд на метар квадратен. Најстудено денеска со -5 степени беше во Берово.
Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека денешниот ден ќе биде претежно облачен. Вечерта и ноќта облачноста ќе се зголеми и врнежи ќе има најпрвин во западните региони, а подоцна насекаде, додека повисоките планини ќе бидат побелени со слаб снег.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет