
Работен состанок со надзорот и фирмата која ја гради браната на река Отиња во Штип имаше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Тој информираше дека на работниот состанок се разрешени некои од проблемите, кои ја кочеа изградбата на капиталниот проект за градот под Исарот.
„Поразговаравме околу градежните активности, разрешивме голем дел од проблемите и отворените прашања, а реализацијата на овој капитален проект продолжува со силна динамика. Започнуваме со изградба на загатот и преливниот орган како многу значајни елементи во целокупниот проект.“, напиша Бочварски.
Овие градежни работи интензивно ќе започнат за околу две недели, а досега браната на Отиња е изградена околу 40 %. Брана на река Отиња е проект кој започна да се гради во 2021 година, а за негова реализација од државниот буџет беа предвидени 306 милиони денари, кои се реализираат според планот за изградба. Бочварски посочува дека повеќедецениското барање на штипјани станува реалност, а се работи на проекти кои носат огромен бенефит за сите граѓани и целиот регион.
Ребека Спасова М-Нет