
Оваа есен во употреба ќе се пушти и вториот дел од експресниот пат Штип – Кочани, најави Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, од Штип. Тој потенцираше дека делницата се гради, а насоките до надзорниот инженер и сите учесници во изградбата е да бидат крајно внимателни.
„Мораме да внимаваме на околните ниви и површини кои се наоѓаат лево и десно на самиот пат и да не направиме штета на земјоделските површини и заради тоа крајно внимателно се водат градежните работи. Конкретно, ќе ги разгледаме сите прашања и проблеми, коишто досега сме ги разгледале и доколку има можност секако ќе реагираме, за да направиме уште еден исчекор кон подобрување на инфраструктурата, но мора да знаеме и дека се работи за експресен брз пат, којшто е замена за стариот пат“, вели Бочварски.
Таму пред една недела жителите на неколку села во кочанско протестираа и бараа да се адаптира атмосферскиот канал преку кој ќе поминуваат земјоделските машини.

Водоводната мрежа во штипската населба Каваклија, пак, е изградена, одговори Бочварски на новинарско прашање за тоа зошто има застој во овој проект. Сепак, додаде дека не е пуштена во употреба, бидејќи Општина Штип има обврска да изгради резервоар за вода во овој дел од градот.
-Таму проектот е во финална фаза и се очекуваат детали од страна на изведувачот, во делот на електриката на тој објект, а потоа ќе биде пуштен во употреба, за комплетно решавање на сите проблеми со покачувањето на притисокот на вода со приклучување на системот на ХС Злетовица. Сега водоводна линија имаме, но треба да се изгради еден резервоар, којшто го презеде Општина Штип, вели Бочварски.
Бочварски додаде дека очекува оти Локалната власт ова ќе го реализира наскоро, па жителите во овој дел на Штип ќе се приклучат на новата водоводна мрежа, која се изгради со средства од Министерството за транспорт и врски.
Ребека Спасова М-Нет