Богата културна септемвриска програма во штипскиот Центар за култура

Ликовни изложби, театарски претставувања и богати фестивалски денови подготви штипскиот Центар за култура за месец септември. Традиционално ќе се одржи Фестивалот „Малиот принц“, а на нов фестивал оваа година ќе се промовира иднината на зелената енергија. Во текот на овој месец ќе има и повеќе репризни изданија на театарските претстави во изведба на штипскиот театарски ансамбл.

„Ќе имаме Electrify the future, тоае фестивал на којшто ќе ја промовираме иднината на зелената енергија или на обновливите извори, каде што ќе биде претставена и првата централа од Центарот за култура во нашата држава. Традиционално го одржуваме и Фестивалот за деца „Малиот принц“, кој е 11. по ред, ќе се претстават шест театарски претстави и еден театарски перформанс, којшто ќе биде пред Платото, како и минатата година, но оваа година со збогатена програма“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

На 13 септември ќе се одржи концертот на Фолтин, а ќе може да се проследат и детските музички фестивали „Весело штурче“ и „Распеани срца“, како и фестивалот „Астибо Фест“. Од 15 септември со работа ќе почне и Ликовното ателје и Драмското студио.

„Ќе имаме самостојна изложба на ликовната уметница Ана Ивановска од Скопје. За првпат ја поддржуваме и истата е специјално изработена за НУЦК „Ацо Шопов“ од Штип, а е поддржана од Министерството за култура, така што ќе имаме можност да видиме една несекојдневна изложба на оваа уметница“, додава Трајков.

Директорот Трајков посочи дека е подготвена богата програма, која е прилагодена за сите генерации, па ја покани публиката да биде дел од културно-програмскиот септември.

Ребека Спасова М-Нет