
Бројот на ковид пациенти во општините од Истокот бележи благ пад. Според извештајот од штипската болница во последните 24 часа новопримени се две лица, испишани три. Со ова бројот на хоспитализирани изнесува 29 на Инфективното одделение. Нема пациенти на дневна амбуланта, а празно е и Кожното одделение при Клиничка болница Штип.
Од хоспитализираните во Штип вакцинирани се 10 пациенти а 18 се наоѓаат на кислородна поддршка. Починат е еден пациент на возраст од 57 години од Виница, додека бројот на слободни места изнесува 39 од кои 29 на Инфективното и 10 на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во Кочани состојбата останува иста, нема новопримени ниту пак испишани пациенти. Бројот на хоспитализираните останува на бројка од 3 пациенти од кои 2-ца се вакцинирани. Нема починати. Бројот на слободни кревети изнесува 24, информираат од болницата.
Во општините од Истокот моментално активни ковид случаи се 366. По подолго време нема трицифрена бројка во ниту една општина од Истокот. Најмногу активни случаи има во Штип 95, во Кочани 91 и во Делчево 80. Најмалку има во Пехчево само 6 ковид случаи.
Според информации од Министерството за здравство заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.507.103 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 219.843, бројот на оздравени пациенти е 206.661, на починати е 7.754, а бројот на активни случаи изнесува 5.428.
Лаура Стојанова М-Нет