
Покрај огнената стихија во Општина Карбинци, во текот на вчерашниот ден пожар имаше и на две места во Кочани. Едната интервенција на ТППЕ Кочани била во с. Бање, кочанско. Таму била опожарена површина од 10 хектара, а причините сè уште не се познати.
„Во текот на вчерашниот ден имавме две интервенции. Една во с. Бање, каде што имаше опожарено околу 10 хектари површина на отворен простор. Таму интервениравме со две возила и четири пожарникара. Пожарот беше ставен под контрола за неполни два часа“, изјави Благој Паунов, командир на ТППЕ Кочани.
Втората интервенција била во центарот на градот. Причината за пожарот е запалена дива депонија, но истиот се проширил на поголема територија за кратко време.
„Во центарот на градот, поточно кај фабриката за вода, беше запалена дива депонија од која се проширило во ниско стеблеста шума. Понатаму била зафатена и борова шума за на крајот да се прошири во ромското маало. Интервирано беше со 6 возила и 13 пожарникари. Пожарот беше ставен под контрола за неполни три часа“ изјави Паунов.
Пожарите и на двете места се ставени под контрола за 2 – 3 часа. Сепак, се внимава за истите да не избувнат повторно.
Инаку, пожарникарите од ТППЕ Кочани имале помош и од Општина Виница. Благој Паунов, командирот на ТППЕ Кочани, вели дека има доволно возила за вакви непогоди, но има малку кадар, што е генерален проблем во цела држава.
Лаура Стојанова МНет