
Второлигашот Беласица од Струмица ги стартуваше подготовките за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, а во која екипата предводена од Александар Стојанов ќе атакува на местата кои водат кон Првата македонска фудбалска лига.
На првата прозивка на шефот на стручниот штаб се појавија 25 фудбалери, меѓи кои и неколку играчи од младинскиот погон. Во следниот период се очекуваат промоција и на првите засилувања кои веќе ги договори Беласица, а клубот се раздели со тројца играчи, се работи за Огнен Здраковски, Симеон Здравковски и Мирче Стоилов.
Според утврдениот план за подготовки, екипата на Беласица до крајот на оваа недела ќе тренира по еднаш во денот, а веќе од понеделник ќе тренира со два тренинга во ден.
Беласица го утврди и распоредот за одигрување на пријателските натпревари преку кои ќе се темпира формата за новата сезона. На 19 јули ќе биде одигран првиот контролен натпревар против Кожуф од Гевгелија, потоа ќе следува меѓународен натпревар со екипата на Септември Симитли во Бугарија, а кој меч е договорен да се одигра на 23 јули.
На 27 јули струмичани ќе се тестираат со Детонит Плачковица од Радовип, а на 1 август Беласица ќе ја проверува формата против новиот второлигаш Шкендија од Арачиново.
За 6 август екипата на Беласица договори пријателски натпревар против новиот третолигаш Победа од Валандово, а пак четири дена подоцна односно на 10 август ќе следува тест-меч со Каменица Саса, додека пак на 16 август е закажана генералката против Осогово од Кочани.
Беласица во новата сезона влегува со високи амбиции, а тоа ќе биде да се напаѓаат местата кои водат кон Првата лига, со што струмичката фудбалска гордост би направила враќање во елитата по неколку сезони поминати во второлигашкото друштво.
Според нашите информации екипата речиси во целост е задржана од минатата сезона, а истата ќе се надополни со неколку млади и квалитетни засилувања со што ќе се засили конкуренцијата во сопствените редови за остварување на целта која ја има Беласица.
Александар Ванев, М-Нет