Бела вода во Брегалница-Бочварски бара најстроги казни за сторителите

Рекреативците, спортистите и граѓаните кои сакаат да уживаат во прошетки на патеката покрај река Брегалница, денес попладне беа изненадени од изгледот на реката. Водата бела како пења. Како прашок за перење да е фрлен во неа или бела боја.

Иако сите кои споделија на своите фејсбук профили слики од Брегалница се чудеа од што може да е бела водата, потсвесно им е јасно на сите, по должината на реката има повеќе фирми. Она што не е сигурно е која од фирмите е загадувачот.

Тоа треба да го проверат надлежните, општинскиот, па ако не и Државниот инспекторат за животна средина и заштита на природата.

Штипјани се сеќаваат дека и пред околу пет години водата во Брегалница беше црвена. Тогаш НЕ добивме информација Зошто и Кој ја обои Брегалница.

Во меѓувреме на својот Фејсбук профил се обрати и градоначалникот, Благој Бочварски, кој бил на лице место на изворот на загадувањето на реката. Меѓу другото во својот текст Бочварски го истакна следното:

-…заедно со претставници на Спортско риболовното друштво “Брегалница 2011” од Штип и загрижени граѓани лично бев на терен и го пронајдовме изворот на загадувањето во реката Брегалница, во еден од превозниците во ТИРЗ зоната. Повикав надлежен инспектор и крим полиција кои веќе се на лице место. Мостри од водата се земени, а крим техника веќе работи на откривање на сторителите. Калкулации не смее да има! Секој мора да ја сноси одговорност за своите постапки! После констатацијата на состојбата од теренот барам да бидат изречени најстроги казни за сторителите.
Дали навистина одговорните за оваа еколошка катастрофа во река Брегалница ќе сносат одговорност, ќе се дознае откако од крим техника ќе потврдат кои се виновниците.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Фотографија ГОРАН ХРИСТОВСКИ