Башкими и Брера Струмица претставија нови засилувања, на трансфер пазарот активни Слога Виница, Кожуф и Беласица!

ФОТО: ФК Беласица

Прволигашот Брера Струмица го претстави своето прво засилување за новата сезона – станува збор за Никола Величковски, кој доаѓа од редовите на бугарскиот клуб Септември Софија.

Се работи за 19-годишен фудбалер кој го засилува нападот на струмичкиот прволигаш, а низ својата кариера настапуваше и за Македонија ЃП, Работнички, како и за Вардар од каде и потекнува.

Башкими е меѓу најактивните на трансфер пазарот откако ги договори и претстави Марко Симоновски и Огузан Ајдоган.

33-годишнот Симоновски го засилува нападот на кумановскиот прволигаш, тој е фудбалер со богато искуство, а низ својата кариера настапуваше за Вардар, металург и Напредок, а пак во странство настапуваше за екипи од Косово, Русија, Хрватска, Казахстан, Финска и Романија.

Ајдоган е поранешен фудбалер на Гостивар, се работи за германски интернационалец со турско потекло. 28-годишниот офанзивен играч за врска пред да заигра во македонскиот шампионат играше за екипи од Германија и Турција.

На трансфер пазарот активни се и второлигаши – меѓу нив Кожуф, Слога Виница и Беласица.

Екипата на Кожуф од Гевгелија се засили со двајца млади и талентирани фудбалери, се работи за Филип Дамевски и Михаил Танчев.

Дaмевски е 18-годишен фудбалер кој доаѓа од младинските категории на Вардар, а пак Танчев, кој исто така има 18 години пристига од Раднички Ниш од Србија, а потекува од Вардар.

Екипата на Слога Виница договори три засилува се работи за Јован Постолов, Давор Богевски и Божидар Митревски.

Постолов е 19-годишен фудбалер од Штип, кој доаѓа од Брера Струмица, а го засилува средниот ред на тимот. Богевски е 18-годишник кој доаѓа од прилепска Победа, а се работи за дефанзивен играч од средниот ред, додека пак Митревски е дефанзивец од среден ред, доаѓа од Детонит Плачковица, а 24-годишникот всушност е повратник во Слога Виница, бидејќи и во минатото беше дел од овој клуб.

Беласица за новата сезона се засили со Бојан Спиркоски кој доаѓа од Пелистер, станува збор за 30-годишен фудбалер кој може да ги покрие повеќе позиции во нападот и значително ќе го зголеми квалитетот во редовите на Беласица, а струмичани за новата сезона атакуваат на местата за Прва лига.

Новата сезона во Првата лига започнува веќе во петок, а пак Втората лига стартува на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет