
Второлигашот Башкими ги започна подготовките за пролетната полусезона, со неколку нови фудбалери во играчкиот кадар, тренерот Баже Јанакиевски вели дека целта останува иста, а тоа е освојување на првите две места кои директно водат кон Првата лига.
„Денеска ги стартуваме подготовките за новата полусезона се надевам дека со напорна работа, иако услови кај нас се тие што се ќе мора да кажам експериментира со тренинзите, можеби нешто ќе се промени од програмата затоа како што гледате снегот не дозволува нормален тек на подготовките. Целта останува иста, местото на табелата ни дава право да се надеваме дека ќе успееме на крај бидеме во едно од тие први две места“, вели Јанакиевски.
Ростерот на екипата не е многу променет, ангажирани се неколку нови играчи кои треба да ја засилат конкуренцијата во тимот за остварување на целта.
„Екипата од денеска стартува играчите ќе имаат тестирања од утре стартуваме со тренинзи. Ростерот на екипата не е многу променет имаме два – тројца играчи што имаа поголема минутажа заминаа во нови средини, земавме три – четири играчи на тие позиции, така да сметам дека ростерот не трпи големи промени и сметам дека имаме доволен фонд на квалитетни играчи што ќе може да го понесат товарот во оваа полусезона пред нас. Целта кажав останува таа што е зацртана пред сезоната, сега за сега е во во ред, сметам дека можеше и малку подобро, но се надевам дека сега во пролетниот дел ќе освоиме доволно бодови за да завршиме на првите две места“, додава тренерот на Башкими.
Башкими ќе се подготвува во Куманово, но поради снегот, Јанакиевски вели дека ќе мораат да менуваат повеќе подлоги за да имаат континуирани подготовки.
„Подготовките ќе се одвиваат тука локално во Куманово значи ќе мораме поради условите да менуваме веројатно повеќе подлоги, повеќе терени што тоа не е добро, но тоа е што е како за нас така и за другите екипи во Македонија, така да тоа не е оправдување за подготвеноста на играчите што треба да го достигнат тоа ниво“, изјави Јанакиевски.
Клубот договори и неколку пријателски натпревари преку кои ќе се проверува формата, пред се за воигрување и на новите играчи.
„Има пријателски натпревари три четири, четири ќе има сигурно, за повеќе ќе видиме во текот на подготовки ако излезе некоја можност ќе одиграме уште некој натпревар“, завршува Јанакиевски.
Башкими презими на 3. место на табелата, со само бод помалку од второпласираната Брегалница од Штип, а пролетниот дел Башкими го отвара против Борец на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет