
На десеттото издание од трката „Струмина Треил“ во Штип учество зеде и Благоја Ацковски, познат како Бале Брзи со 71 година тој е пример дека годините не се пречка за многу работи, а во случај трчањето и тоа на маратони.
Ацковски за М Нет вели дека тој е секогаш подготвен за трчање, вели дека еден негов тренинг има од 20 до 30 километри, познатиот Бале Брзи трча и маратони.
„Спремен сум јас секогаш може од столица да станам и да истрчам веднаш 20 километри без проблем. Мене секој тренинг ми е еднаш на четири дена трчам од 20 до 30 километри. Трчам и маратони, 120-ти сум во светот на светска ранг-листа во моја категорија“, рече Благоја Ацковски познат како Бале Брзи во изјавата за М Нет телевизија.
Ацковски го открива и рецептот за здрав живот, вели дека се храни здраво, активен во планина, со работа во поле.
„Активен сум нонстоп, си трчам по планина, работам во поле, дома имам двор од 1.000 квадрати, значи нонстоп сум како ајкула во движење. Јадам и по пет пати на ден по малку, пијам по една часа пиво, по една часа вино. Јадам лесни производи, меснати работи и индустриски преработки не консумирам воопшто и чипсови и смоки, наполитанки никако, паштетни никако, салами никако, повеќе зелено. Значи од бавча, плодови имам, лешници, ореви, јаболки, значи си јадам мое, по планини се наоѓа капини, малини. Вчера набрав трнинки за компот, потоа шипки за мармалад. Инаку мармалади правам нонстоп имам по 200 – 300 тегли мармалад, ракија си варам сам, но ја подарувам“, рече за М Нет, Ацковски.
Бале Брзи за М Нет вели дека атмосферата на „Струмина Треил“ и луѓето се пријатни.
„Ги имам истрчано сите трки на „Струмина“ и ми се допаѓа патеката која е навистина убава, луѓето се добри, патеката е обележана фантастично. Кој не ја трчал треба да повели да дојде да ја истрча. Има потоа џорба, музика“, ни изјава познатиот Бале Брзи.
Минатата година по повод 70-тиот роденден на Ацковски тој организираше роденденска трка, Бале Брзи во Македонија нема конкуренција, а во државите од поранешна Југославија е меѓу првите пет.
Александар Ванев, М-Нет