
Започна реконструкцијата на една од главните улици во село Таринци, проект кој опфаќа изградба на атмосферска канализација и тротоарско решение. Градежните активности денеска ги означи градоначалникот Виктор Паунов, додавајќи дека со изградбата и реконструкција на улици и патишта на повеќе локации во Општина Карбинци се подобрува начинот на живот за граѓаните.
„Се работи за главна улица која е во должина од 400 метри, се предвидува изградба на атмосферска канализација и тротоарско решение. Она што што е финансискиот дел изнесува целиот договор 6.800.000 денари при што 6.169.000 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој. Се надевам дека со овој проект како и со многу други кои ги реализиравме во текот на годината ќе продолжиме да го подобруваме животот и начинот на живеење, односно стандардот на жителите“ – кажа Паунов.
До крајот на оваа календарска година се очекува да завршат барем земјените работи на улицата ако послужат временските услови, а поголема градежна офанзива се очекува од следната пролет. До крајот на оваа година треба да биде завршен и пристапниот пат до филтер станицата.

„Се надевам дека оваа градежна офанзива ќе продолжи и понатаму успешно и во текот на зимата која ни следи и најавувам поголема офанзива веќе од наредната година од почетокот на самата пролет.“ – кажа Паунов.
На територија на Општина Карбинци во изминатиот период се работеше на реконструкција на улици и патишта, нови спортски и детски игралишта, а во тек е и санацијата на мостот во село Долни Балван.
Лаура Стојанова М-Нет