Андоновска реагира на обвинувањата од ДУИ: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

„Како Директор на Институтот за јавно здравје, ги отфрлам последните обвинувањата на ДУИ. Во изминатиов период во Институтот за јавно здравје имаше инспекциски надзор од страна на инспектори од Инспекторатот за употреба на јазици и беше утврдено дека доследно се почитува Законот за употреба на јазиците во институцијата. Очигледно ДУИ е мотивирана од други причини за ваквите неточни обвинувања. ДУИ не може да прифати дека нема повеќе “како и до сега”, нема повеќе неодење на работа и земање плата, нема повеќе немилосрдно, расипничко трошење на буџетите без да има резултати“, се наведува во демантот.

Во секоја институција, додава Андоновска, вклучително и Институтот за јавно здравје мора да постои ред, Закони кои важат за сите подеднакво и одговорност за, како што вели, криминалите кои ги сториле ДУИ за време на нивниот мандат и кои транспарентно беа споделени со јавноста.

„Напоменувам, Законите во Институтот за јавно здравје ќе продолжат доследно да се почитуваат и да важат за сите подеднакво, им се допаѓало на ДУИ тоа или не“, вели директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.

Текстот Андоновска реагира на обвинувањата од ДУИ: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици е превземен од МАКФАКС.