
Полека, но сигурно минуваат деновите за одмор на играчите и на стручниот штаб на фудбалерите на Кит Го од Пехчево. Шефот на стручниот штаб Емил Грнев потенцира дека наближува денот за повторно средба со играчите и повторно истрчување на зелениот „тепих“. – „ Со подготовките тимот на Кит Го ќе започнеме во понеделник 11 јануари во Штип за кога е закажана првата прозивка. Очекувам на првиот собир да се јават сите 23 играчи а новина ќе биде приклучувањето на неколкумина млади играчи кои полека, но сигурно ќе чукаат на вратите на првиот тим. Што се однесува до учинокот во есенскиот дел сосема сум задоволен со освојувањето на 4 место на табелата. Со оглед на малата несигурност во почетниот период, играчите успеаја да се консолидираат да прикажат одлични игри и да постигнат добар резултат. Како круна на одличната организираност и максималната дисциплинираност беше големиот успех и високата победа на гости против фаворитот Тиквеш изразена со резултат 1:4. Пред натпреварот Тиквеш длабоко не потцени а тоа ги предизвика момците да изиграат максимално одговорно,извршувајќи ги во целост поставените тактички задачи по што Тиквеш беше фудбалски надигран и „туширан“. Спојот на релативно млади играчи и поискусните даваше и ќе дава уште поголем резултат, се надевам во пролетниот дел. Со заеднички сили ќе продолжиме во исто темпо, ќе дадеме се од себе и ќе играме да дадеме гол повеќе од противникот и да победиме. Со тоа ќе дојдат до израз раскошниот талент и квалитетот на сите играчи кои за боите на клубот ќе дадат се од себе да го задржат моменталниот пласман а ако се укаже прилика зошто да не тимот на Кит Го да се најде и во самиот врв на табелата“. – изјави шефот на стручниот штаб Емил Грнев.
На крајот тој нагласи дека покрај во Штип подготовките на тимот на Кит Го наизменично ќе се изведуваат и во Пехчево.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk