Гушнете ги децата дома, ставете ги во детско седиште додека се возат!

Статистиките покажуваат дека децата најмногу страдаат во сообраќајни незгоди. Водејќи се по тоа од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот по патиштата апелираат до родителите да возат одговорно и да внимаат на децата. Но, и да користат детско седиште.

„Податоците од сообрачајните контроли и податоците од продажбата на детски седишта покажуваат дека во изминатите неколку години имаме зголемено користење на детски седишта“ – соопшти Манчев.

Користењето на детско седиште е многу важно заради безбедноста на децата. Честа е појавата кога децата се возат во автомобилот во опасни позиции, или се држат во раце од страна на родителите.

„За жал истражувањата покажуваат дека кога детето не е врзано со појас тоа најчесто стои, и тоа или е свртено и гледа наназад, или стои со главата свртено кон двете предни седишта. И едната и другата ситуација е крајно опасна“ – истакна Манчев.

Иако постои тенденција на зголемена употреба на детски седишта во автомобилите, сепак, евидентен е фактот дека бројот на родители/возачи кои не користат детски седишта за превоз на деца до 5 години не е мал. Според истражувања на релевантни меѓународни организации, во случај на сообраќајна незгода, детските седишта ја намалуваат смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти.

Лаура Стојанова М-Нет